Ортодонција

Фиксни ортодонтски апарати

Фиксни протези со метални и керамички брекети

Фиксните ортодонтски апарати содржат метални брекети и лакови од различен материјал и дебелина. Тие се користат во терапија на поедини неправилности на забите како на пример ( збиеност, длабок, вкрстен загриз, обратен преклоп и др.) Брекетите се поставуваат на предната површина на забите и нивната функција е да ги пренесуваат информациите за одредени движења на забите зададени од силата на лакот. Лаковите се поврзуваат со брекетите со помош на лигатури( гумени и жичани) и вршат притисок на забите, придвижувајќи ги во нивната идеална положба.

Кај пациенти со естетски потреби, кај кои фиксна ортодонтска терапија е неопходна, можно е да се изберат ортодонтски апарати со керамички брекети и естетски лакови.

Лингвални протези

Лингвалните ортодонтски апарати се вид на фиксни ортодонтски апарати кои се поставуваат на внатрешната површина на забите, што ги прави целосно невидливи. Лигнвалните брекети работат со континуиран и нежен притисок, за да ги придвижат забите во правилна положба. Сепак, тоа е метод што не може да се примени за сите типови на малоклузии.

 

Мобилни ортодонтски апарати

Мобилните апарати се ортодонтски помагала кои пациентот може да ги отстрани и вметне самостојно. Се изработуваат во лабораторија врз база на отпечаток од форма на забните лакови и непцето. Обликот на апаратите варира зависно од типот на малоклузијата. Некои особено важни ортодонтски проблеми се решаваат полесно ако се третираат на рана возраст. Во овие случаи, мобилните ортодонтски апарати се корисни затоа што за разлика од фиксните, може да се користат и во мешовита дентиција.

Алајнери

Алајнерите се серија на проѕирни индивидуални калапи произведени од компјутерски систем, дизајнирани за постепено поместување на забите во правилна позиција. Спаѓаат во групата на мобилни апарати и може да се отстранат за време на јадење и четкање. На неколку недели алајнерот се заменува со нов за да се продолжи со придвижување на забите во посакуваната позиција. Алајнерите не се наменети за сите видови на аномалии. Вашиот ортодонт ќе ви помогне да одлучите што е најдобро за вас.

Миофункционални апарати

Миофункционалните мобилни апарати работат користејќи ги природните сили на усните, јазикот и мускулите за џвакање. Во овој случај, покрај ортодонтското дејствување при движење на забите, постои и вистинско ортопедско дејство способно за насочување на растот на горната и долната вилична коска кон најсоодветната позиција за да се поправи малоклузијата. Овој вид на апарати ги намалуваат и проблемите поврзани со неправилно голтање, цицање на палецот, тискање на јазикот, лабијална дисфункција, проблеми со дишењето. Ефикасни се додека не заврши растот.

Апарати против ноќна апнеа и хрчење

Специјални мобилни апарати може да се користат за подобрување на хрчењето како и благи форми на опструктивна апнеа за време на сонот. Овие типови на апарати ја држат вилицата нанапред и со тоа помагаат во отварањето на горните дишни патишта. Мандибуларното репозиционирање исто така ги поставува јазикот и епиглотисот нанапред, оддалечувајќи ги од увулата и решавајќи го на овој начин вибрирањето на маките ткива на непцето при преминот на воздух кое всушност го предизвикува звукот на хрчење.

Заштитни апарати за спортисти

Вид на мобилни апарати наменети за заштита на забите од траума. Најчесто се користат кај пациенти кои учествуваат во спортови кои вклучуваат телесен контакт, падови или предмети кои може да нанесат повреди. Некои примери се фудбал, кошарка, ракомет, бокс, карате. Доколку се користат постојано за време на спортската активност, овие апарати ефикасно ги штите забите од повреди.

Оклузални сплинтови

Оклузалните сплинтови се мобилни персонализирани апарати кои се поставуваат на џвакалната површина на горните или долните заби. Тие имаат неколку примени и најчесто се користат за да се спречи атрицијата односно трошењето на забите предизвикано од бруксизам, за проверување или корекција на зголемување на вертикалната димензија на оклузијата пред протетска рехабилитација, кај пациенти со симптоми на вилични заболувања. Постојат различни видови за сплинтови во зависност од потребата на пациентот.